ПРЕДМЕТ НА УРЕДУВАЊЕ
Член 1
Со овој Правилник се утврдуваат условите, критериумите, правилата и постапката за запишување и студирање на прв циклус студии (додипломски студии) и втор циклус студии (постдипломски студии), како и на интегрираните студии од прв и втор циклус на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Студии во смисла на став 1 од овој член се академски и стручни студиски програми од прв циклус - додипломски студии (во натамошниот текст: прв циклус студии), интегрирани студии од прв и втор циклус, академски и стручни студиски програми од втор циклус - постдипломски студии (во натамошниот текст: втор циклус студии).
ЗАПИШУВАЊЕ СТУДЕНТИ
Член 2
На прв и втор циклус студии, како и на интегрираните студии од прв и втор циклус на единиците на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, студентите се запишуваат согласно со закон, овој Правилник и конкурсите за запишување студенти на прв и втор циклус студии.
Право на запишување на прв циклус студии и на интегрирани студии од прв и втор циклус
Член 3
На прв циклус студии и на интегрирани студии од прв и втор циклус можат да се запишат:
- државјани на Република Македонија кои средното образование го завршиле во Република Македонија;
- државјани на Република Македонија кои дел од средното образование завршиле во странство;
- иселеници и државјани на РМ кои целокупното образование го завршиле во странство;
- странски државјани кои средното образование го завршиле во странство;
- странски државјани кои средното образование го завршиле во Република Македонија;
- државјани на РМ со завршени циклуси на високото образование на високообразовни установи во Република Македонија и во странство;
- странски државјани со завршени циклуси на високото образование на високообразовни установи во Република Македонија и во странство;
- други лица согласно со закон и/или конкурсот за запишување студенти на прв циклус студии и на интегрирани студии од прв и втор циклус.
Лицата од став 1, алинеи 1, 2 и 3 се запишуваат со плаќање партиципација или школарина согласно со конкурсот за запишување студенти на прв циклус студии и на интегрирани студии од прв и втор циклус. Лицата од став 1, алинеи 4, 5 и 7 се запишуваат како странски државјани со плаќање школарина за странци согласно со конкурсот за запишување студенти на прв циклус студии и на интегрирани студии од прв и втор циклус. Странските државјани ја плаќаат школарината за странци во текот на целото школување, освен ако не е поинаку регулирано со закон, меѓународен/ билатерален договор или друг акт. Доколку во текот на студирањето лицето стекне државјанство на РМ, студирањето го продолжува со плаќање школарина за државјани на РМ во износ кој важи на денот на поднесувањето на барањето од страна на студентот. Студентот правото да студира како државјанин на РМ го остварува од денот на поднесувањето на барањето, доколку биде одобрено.
Лицата од став 1, алинеја 6 се запишуваат со плаќање школарина согласно со конкурсот за запишување студенти на прв циклус студии и на интегрирани студии од прв и втор циклус.
Студентот кој има отпуст од државјанство на Република Македонија, студирањето го продолжува како странски државјанин со плаќање школарина за странци во износ кој важи на денот на поднесувањето на барањето од страна на студентот. Студентот со отпуст се стекнува со статус на студент странски државјанин на денот на правосилноста на решението издадено од надлежен орган во РМ.
Доколку студентот од став 5 на овој член го заврши образованието, единицата има право по судски пат да бара студентот да ги надомести трошоците за студирање во износ на школарина за странски државјани. Лицата кои образованието или дел од образованието го стекнале во странство, должни се да достават документ од надлежен орган во Република Македонија за признавање на стекнатото образование во странство.
Услови за запишување на студии
Услови за запишување на прв циклус студии и на интегрирани студии од прв и втор циклус
Член 4
На прв циклус студии и на интегрирани студии од прв и втор циклус можат да се запишат лица кои положиле државна матура или меѓународна матура или кои завршиле четиригодишно средно образование според прописите кои важеле пред воведувањето на државната матура.
Универзитетот, со студиските програми на единиците и конкурсот за запишување студенти, утврдува кои наставни програми за средно образование се соодветни за запишување на одделни студии.
На студиите на кои е предвидено да се полага приемен испит, освен условите од ставовите 1 и 2 на овој член, кандидатите треба да го положат и приемниот испит.
Единицата може со студиските програми за прв циклус и на интегрирани студии од прв и втор циклус кои ги организира да утврди посебни услови за запишување.
Овие услови се составен дел на конкурсот за запишување студенти на прв циклус студии.
Странските државјани доставуваат доказ, утврден со конкурсот за запишување студенти, за познавање на јазикот на кој се изведува студиската програма.
Услови за запишување на втор циклус студии
Член 5
На втор циклус студии можат да се запишат:
- лица кои завршиле соодветни студиски програми од прв циклус;
- лица кои завршиле соодветни додипломски студии согласно со прописите кои важеа до воведувањето на циклусите во високото образование.
Универзитетот, со студиските програми на единиците и придружните членки и конкурсот за запишување студенти, утврдува кои претходно завршени студии се соодветни за запишување на одделни студиски програми од втор циклус, како и условите за запишување на кандидатите кои имаат завршено други студиски програми. Лицата кои завршиле стручни студии можат да се запишат на академски студиски програми од втор циклус, при што за запишување може да се пропише полагање на диференцијални испити, согласно со студиската програма.
За можноста од ставот 3 на овој член одлучуваат единиците.
На студиска програма од втор циклус студии која трае една година и со која се стекнуваат 60 ЕКТС-кредити можат да се запишат само лица кои завршиле прв циклус студии во траење од најмалку 4 години, со кои се стекнуваат најмалку 240 ЕКТС-кредити, односно додипломски студии во траење од најмалку 4 години.
Лицата кои образованието од став 1, алинеи 1 и 2 го стекнале во странство, должни се да достават документ од надлежен орган во Република Македонија за признавање на стекнатото образование во странство.
Единицата може со студиските програми за втор циклус кои ги организира да утврди посебни услови за запишување. Овие услови се составен дел на конкурсот за запишување студенти на втор циклус студии.
Странските државјани доставуваат доказ, утврден со конкурсот за запишување студенти, за познавање на јазикот на кој се изведува студиската програма.
Еднакво вреднување на странско образование
Член 6
Условите за запишување од членовите 4 и 5 на овој Правилник ги исполнуваат и лицата кое завршиле образование според еднаква студиска програма во странство.
Посебните услови и постапката за запишување на лицата од став 1 на овој член се регулираат со конкурсот за запишување студенти.
Постапка за запишување на прв циклус студии и на интегрирани студии од прв и втор циклус
Конкурс за запишување
Член 7
Запишувањето на прв циклус студии и на интегрирани студии од прв и втор циклус се врши врз основа на јавен конкурс.
Конкурсот од ставот 1 на овој член ги содржи:
- името на Универзитетот и неговата адреса;
- името на единицата на Универзитетот; називот на студиската програма;
- местото на изведување на студиската програма;
- времетраењето на студиите;
- условите за запишување, утврдени со акт на Универзитетот и единиците;
- бројот на слободни места за запишување;
- критериумите за селекција;
- претходното завршено образование;
- постапките и роковите за пријавување и за изведување на запишувањето на студиите;
- висината на партиципацијата и школарината;
- доказ за познавање на јазикот согласно со овој Правилник;
- електронското поштенско сандаче на единицата;
- други одредби.
Универзитетот го донесува и го објавува конкурсот од став 1 на овој член врз основа на предлозите на единиците.
Конкурсот се објавува на македонски јазик.
За студиските програми што се акредитирани на англиски јазик, конкурсот се објавува и со превод на англиски јазик.
Пријава за конкурирање
Член 8
Кандидатот е должен да поднесе пријава за конкурирање за запишување на студии и електронска пријава од универзитетскиот систем до денот утврден во конкурсот.
Во пријавите од став 1 на овој член, кандидатот мора да назначи за која студиска програма конкурира и дали конкурира за редовен или вонреден студент.
Покрај пријавите од став 1 на овој член, кандидатот е должен да ги приложи сите документи утврдени во конкурсот.
Селекција на кандидатите
Член 9
Универзитетот со конкурсот ги утврдува условите и постапката за селекција на кандидатите на начин кој гарантира рамноправност на сите кандидати без оглед на раса, боја на кожа, пол, јазик, вера, политичко или друго уверување, етничко, национално или социјално потекло, имот, раѓање, општествена положба, инвалидност, сексуална ориентација и возраст.
Универзитетска конкурсна комисија
Член 10
За следење на реализацијата на конкурсот, Ректорската управа формира Универзитетска конкурсна комисија.
Универзитетската конкурсна комисија е составена од 9 члена од редот на наставниците, од научните подрачја на природно- математичките, техничко-технолошките, медицинските науки и здравството, земјоделските и ветеринарните науки, општествените, хуманистичките науки и од уметностите, како и еден член од редот на студентите.
Стручната и административната поддршка на Универзитетската конкурсна комисија ја врши Стручната служба на Универзитетот.
Универзитетската конкурсна комисија:
ја следи реализацијата на конкурсот на факултетите;
се грижи за унифицирана примена на одредбите во конкурсот и на упатството за реализација на конкурсот;
дава мислења во текот на реализацијата на конкурсот за запишување студенти;
на барање на единицата, ги врши надлежностите на конкурсна комисија на единицата;
врши и други работи утврдени со овој Правилник и со општите и другите акти на Универзитетот, како и за кои ќе биде овластена од ректорот.
Мислењата на Универзитетската конкурсна комисија се задолжителни за единицата.
Конкурсна комисија на единицата
Член 11
Секоја единица на Универзитетот, која има студиска програма за која е распишан конкурс за запишување нови студенти, должна е да формира своја конкурсна комисија, пред објавувањето на конкурсот за запишување нови студенти.
Членовите на конкурсната комисија се избираат од страна на наставно-научниот совет на единицата, од редот на наставниците. Со комисијата раководи продеканот за настава. Конкурсната комисија од став 1 на овој член е составена од најмногу 7 члена.
Конкурсната комисија се грижи за реализација на постапката за пријавување и селекција на кандидатите, во согласност со одредбите содржани во конкурсот за запишување студенти.
Конкурсната комисија одлучува по приговорите на кандидатите.
Конкурсната комисија на единицата е должна тековно да доставува податоци за текот на постапката за пријавување, селекција и запишување нови студенти до Универзитетската конкурсна комисија. Податоците се доставуваат на начин кој ќе го утврди Универзитетската конкурсна комисија.
Конкурсната комисија на единицата има обврска да подготви извештај за резултатите од запишувањето, кој го доставува до наставно-научниот совет на единицата.
Право на приговор
Член 12
Кандидатот кој не е задоволен од резултатот добиен со селекција на кандидатите, согласно со конкурсните услови, има право на приговор до конкурсната комисија на единицата, која е организатор на студиската програма за која кандидатот конкурирал.
Приговорот од став 1 на овој член се доставува во рок од 24 часа од објавувањето на резултатот од селекцијата.
Резултатот од став 2 на овој член се објавува на огласна табла и на веб- страницата на единицата, при што се наведува времето на објавување.
Комисијата е должна да одлучи по приговорот на кандидатот во рок од 24 часа по истекот на рокот за неговото поднесување.
Одлуката од став 4 на конкурсната комисија на единицата на овој член е конечна. Против одлуката од став 5 на овој член може да се поднесе тужба до Управниот суд. Запишување
Член 13
По конечноста на постапката за селекција на пријавените кандидати, кандидатот кој остварил право на запишување, но во предвидениот (огласениот) рок не извршил запишување, губи право на запишување, а правото за запишување го стекнува следниот кандидат на ранг-листата кој претходно не заземал место во рамките на одобрената квота за запишување студенти.
При запишувањето, студентите потпишуваат договор за студирање.
Студентите запишани на студиските програми што се изведуваат на англиски јазик можат да потпишат договор на англиски јазик.
Договорот од став 2 на овој член се потпишува од деканот на единицата и студентот.
Со исполнување на обврските на студентот предвидени за запишување, а утврдени со конкурсот за запишување студенти и со овој Правилник, на студентот му се издава индекс. Статусот студент се докажува со индекс.
Постапка за запишување на втор циклус студии
Член 14
Во постапката за запишување на втор циклус студии соодветно се применуват одредбите од членовите 6 - 9 и член 13 од овој Правилник.
Право на приговор
Член 15
Кандидатот кој не е задоволен од резултатот добиен со селекција на кандидатите, согласно со конкурсните услови, има право на приговор.
Приговорот од став 1 на овој член се доставува во рок од 24 часа од објавувањето на резултатот од селекцијата.
Резултатот од став 2 на овој член се објавува на огласна табла и на веб- страницата на единицата, при што се наведува времето на објавување.
Приговорот се поднесува до колегиумот за втор циклус на единицата која е организатор на студиската програма за која кандидатот конкурирал. Приговорот се доставува во материјална или во електронска форма на електронското поштенско сандаче на единицата наведено во конкурсот за запишување студенти.
Колегиумот е должен да одлучи по приговорот на кандидатот во рок од 24 часа од неговото поднесување.
Одлуката по приговорот се доставува на електронското поштенско сандаче на кандидатот и во материјална форма во рок од 3 дена од истекот на рокот од став 5 на овој член.
Против одлуката од став 6 на овој член може да се поднесе тужба до Управниот суд.
Редовен и вонреден студент
Член 16
Студентите, по правило, се запишуваат со статус на редовен студент.
Согласно со студиската програма, доколку е предвидено, студентот има право да се запише како вонреден студент.
Како вонреден студент може да се запише лице кое:
- е вработено, за што приложува соодветен документ со кој се докажува вработувањето;
- е работно ангажирано на друг начин, за што приложува соодветен документ со кој се докажува ангажираноста;
- поради здравствени причини не е во состојба континуирано да ја следи наставата, вежбите и др. согласно со студиската програма, за што приложува соодветен документ со кој се докажува неговата здравствена состојба;
- родител на дете до една година возраст;
- се отселило во странство;
- ги исполнува условите за други случаи утврдени со општ акт на единицата.
Премин од редовен во вонреден студент
Премин од вонреден во редовен студент
Член 17
Во текот на студирањето, доколку со студиската програма е утврдена можност за вонредно студирање, редовниот студент има право да го продолжи студирањето како вонреден студент, со плаќање школарина.
Вонредниот студент има право да го продолжи студирањето како редовен студент со плаќање школарина.
Премините од ставовите 1 и 2 од овој член се вршат при заверка, односно запишување на семестар.
Услови за премин од редовен во вонреден студент
Член 18
Студентот може да премине од редовен во вонреден студент во случаите утврдени во членот 16, став 3 од овој Правилник.
Услови за премин од вонреден во редовен студент
Член 19
Студентот може да премине од вонреден во редовен студент доколку престанале причините за студирање како вонреден студент и е во согласност со прописите за бројот на студенти во групи за настава, вежби и сл.
Студент гостин
Член 20
Студент гостин може да биде редовен или вонреден студент од друг универзитет во земјата и од странство кој запишува делови од студиска програма на Универзитетот.
Статусот на студент гостин трае најдолго една учебна година.
Правата и обврските на студентот гостин, износот на трошоците за студирањето, можноста за продолжување на студиите на единица на Универзитетот и други прашања поврзани со статусот на студентот гостин се уредуваат со Правилникот за единствениот кредит- трансфер систем и преминот од една на друга студиска програма, односно од една на друга единица на Универзитетот и договор склучен помеѓу студентот гостин и единицата.
Студент на мобилност
Член 21
Студент на мобилност може да биде редовен или вонреден студент на Универзитетот кој запишува делови од студиската програма на универзитет во странство, најдолго една учебна година.
Пред аплицирањето и запишувањето на предмети на странскиот универзитет, студентот на мобилност е должен да добие потврда/согласност од координаторот или
предметниот наставник на еквивалентниот предмет на единицата на Универзитетот заради потврдување на компатибилност на предметот на странскиот универзитет со програмата на Универзитетот од најмалку 80 %. По завршувањето на мобилноста, студентот до единицата на Универзитетот доставува договор за учење и транскрипт на оценки, врз основа на кои бара пренесување на кредитите и оценката. Оценката и кредитите за положениот испит/и се содржани во решение на деканот и се запишуваат во индексот и во е-досието. Запишувањето во индексот го врши овластено лице на единицата, кое става печат и број и датум на решението.
Освоените кредити од испитите положени со мобилност се признаваат во соодветниот семестар, како што се предвидени на Универзитетот.
Правата и обврските на студентот на мобилност, износот на трошоците за студирањето, продолжувањето на студиите на единица на Универзитетот и други прашања поврзани со статусот на студентот на мобилност се уредуваат со Правилникот за единствениот кредит-трансфер систем и меѓународните програми за мобилност.
Партиципација и школарина
Член 22
Редовните студенти на првиот циклус студии и на интегрираните студии од прв и втор циклус се запишуваат со плаќање партиципација (квота со партиципација) или со плаќање школарина (квота со школарина), согласно со конкурсот за запишување студенти на прв циклус студии и на интегрирани студии од прв и втор циклус.
Вонредните студенти на првиот циклус студии се запишуваат со плаќање школарина, согласно со конкурсот за запишување студенти на прв циклус студии.
Студентите на вториот циклус студии се запишуваат со плаќање школарина, согласно со конкурсот за запишување студенти на втор циклус студии.
Премин на студентот од квота со партиципација во квота со школарина
Член 23
Студент запишан во квота со партиципација го губи статусот на студент запишан во квота со партиципација и ги продолжува студиите во квота со школарина ако:
- еден предмет запишува по трет пат;
- не освоил најмалку 50 % од запишаните кредити во одреден семестар до почетокот на наредниот соодветен семестар (зимски, односно летен).
СТУДИРАЊЕ
Универзитетски календар
Член 24
Универзитетскиот календар за наредната учебна година се донесува најмалку 5 месеци пред почетокот на наредната учебна година, и се објавува преку универзитетските гласила и на веб- страницата на Универзитетот.
Универзитетскиот календар ги содржи рамковните одредби за почетокот и крајот на учебната година, термините за одржување на наставата, испитите и државните празници и неработните денови.
Врз основа на универзитетскиот календар, единиците донесуваат календар за наредната учебна година и го објавуваат преку своите гласила, најмалку 3 месеци пред почетокот на наредната учебна година.
Изведување настава
Член 25
Наставата се изведува преку:
- предавања;
- вежби;
- консултации;
- семинарски работи, домашни задачи, проекти, практика, теренска настава, клиничка настава, курсеви и сл.
Член 26
Предавањата претставуваат вид на настава со која се реализира предметната програма и студентот стекнува теоретски знаења кои му овозможуваат следење на практичната настава (вежби). Со предавањата се обезбедува синтетизиран преглед на содржините од предметната програма. Во текот на предавањата, на студентите можат да им бидат презентирани и дополнителни содржини и најнови сознанија од областа кои се во функција на совладување на делови од предметната програма. За овие содржини на студентот му се обезбедува соодветна дополнителна литература.
Предавањата од став 1 на овој член ги изведуваат наставници избрани во наставно-научно звање.
Наставниците се должни предавањата да ги реализираат согласно со предметната програма која е дел од студиската програма.
Дел од предавањата можат да се изведуваат преку клиничка настава од страна на истакнат стручњак од практиката од соодветната област.
Изборот на истакнатиот стручњак од практиката го врши наставно-научниот совет на предлог од комисија што ја формира за да го спроведе процесот на евалуација на кандидатот/ ите.
Во наставно-образовниот процес можат да се вклучат и визитинг-наставници од странство.
Член 27
Наставата може да се одвива и во виртуелно окружување за учење и подучување (е-учење).
Ако е предвидено во предметната програма, во наставно-образовниот процес можат да се вклучат предавања од домашни и странски универзитети со помош на аудиовизуелни и други електронски помагала.
Член 28
Вежбите претставуваат дел од наставно-образовниот процес во кој студентите совладуваат практични искуства во согласност со предавањата од предметната програма.
Лицето ангажирано да ги изведува вежбите е должно на студентот активно да му објаснува, нагледно да му помага и да работи со него во текот на изведувањето на вежбите.
Наставниците ангажирани за изведување на наставата по дадена предметна програма се одговорни за подготовката на вежбите.
Член 29
Консултациите претставуваат дел од наставно-образовниот процес, со што на студентот му се овозможува да се разјаснат одредени делови од предметните програми преку непосреден контакт со наставниците и соработниците заради полесно совладување на содржините од предметната програма.
Член 30
Секој наставник и соработник е должен да одржува консултации со студентите четири часа седмично.
Терминот за одржување на консултации се објавува на почетокот на учебната година/семестар на веб-страницата на единицата.
Отсуството во терминот за консултациите, наставникот го најавува.
Член 31
Семинарските работи, домашните задачи и есеите се изработуваат од страна на студентот како самостојни трудови со користење на литература предложена од наставникот.
Проектните задачи студентот ги изработува како индивидуална зададена задача или групна задача на неколку студенти.
Теренската настава се изведува кога тоа е предвидено во предметната програма.
Член 32
Распоредот на наставата се објавува пред почетокот на учебната година на веб- страницата на единицата.
Редовност на студентите на настава
Член 33
Доколку е предвидено со студиската, односно предметната програма, редовните студенти се должни да ги посетуваат, односно да ги извршуваат сите облици на настава утврдени со предметната програма, за што може да се добијат соодветен број поени.
Евиденцијата за присуство и за активности на час се изразува во поени, како што е предвидено со предметната програма.
На студент кој оправдано изостанал од кој било дел од наставата, на негово барање може да му се овозможи изостанатиот дел да го надомести.
Напредување на студентот
Член 34
Студентите напредуваат во студиите преку полагање на испити за предвидени предмети/модули и преку исполнување на обврските предвидени со студиската програма.
Студентите во еден семестар запишуваат минимум 21, а максимум 35 ЕКТС-кредити.
Одредбата од став 2 на овој член не се применува за запишување на семестар каде што се предвидени условувачки критериуми, односно претходно совладани предмети.
На особено успешните студенти (со просечен успех од 8,5) може да им се дозволи запишување до 40 ЕКТС-кредити.
Запишување семестар
Член 35
Студентот може да запише нови предмети од нареден семестар, во согласност со правилата за напредување утврдени во соодветната студиска програма.
Единицата, во рамките на студиската програма, може да пропише условувачки критериуми, т.е. претходно совладани предмети (освоени кредити, положени и/или ислушани предмети и сл.), како услов за запишување на други предмети.
Запишувањето на предметните програми во нареден семестар се врши пред почетокот на соодветниот семестар.
Ако студентот ги има положено испитите од зимскиот семестар и треба да запише, односно да презапише само предмети од летниот семестар, запишува празен зимски семестар и обратно.
Единицата може да воведе цикличност во наставата, за што на студентот му се овозможува ангажираност во сите семестри.
Член 36
При запишувањето на предметите, студентот најпрво ги запишува неположените задолжителни и изборни предмети од соодветниот (летен/зимски) семестар, а потоа задолжителните предмети од тековниот семестар и на крај, изборните предмети од тековниот семестар, но на тој начин што неговите вкупни студиски обврски во еден семестар да не го надминуваат бројот на ЕКТС-кредити утврден со овој Правилник. Во зимскиот семестар се запишуваат предмети што се утврдени во студиските програми за зимскиот семестар.
Во летниот семестар се запишуваат предмети што се утврдени во студиските програми за летниот семестар.
Член 37
При запишувањето на предметите, потребно е да се исполнат условите утврдени со студиските програми.
При повторно запишување на неположен изборен предмет, студентот има право да го замени изборниот предмет со друг изборен предмет од предметите што се активирани во соодветниот семестар како изборни предмети.
Измена на студиската програма
Член 38
Доколку во текот на студирањето дојде до промена на студиска програма, студентот што студирал според некоја од претходните програми и го нема завршено студирањето во роковите утврдени со тие програми, го продолжува студирањето согласно со условите за премин на нови студиски програми.
Заверка на семестар
Член 39
Студентот заверува предмети од семестарот ако има добиено потписи од предметните наставници, со што се потврдува неговото исполнување на предвидените наставни обврски.
Студентот кој не ги извршил обврските пропишани со студиската програма од одредена предметна програма и не добил потпис, не може да пристапи на испит.
Заверката на предметите од семестарот се врши во термини што ги објавува единицата на нејзината веб- страница.
Предмет на оценување
Член 40
Предмет на оценување во рамките на предметната програма можат да бидат:
- колоквиуми;
- вежби/практична работа/теренска настава;
- семинарска работа;
- домашна работа;
- проекти;
- курсеви;
- есеи;
- уметнички настапи, уметничка наставна продукција и сл.;
- други активности предвидени со предметната програма.
Континуирано оценување
Член 41
Стекнатите знаења на студентите се проверуваат и се оценуваат континуирано - во текот на наставата и се изразуваат во поени.
Со студиската програма може да се утврди дека некои облици на настава се спроведуваат без оценување или дека се оценуваат описно.
Испити
Календар и распоред на испитите
Член 42
Календарот на испитите се објавува на почетокот на секоја учебна година заедно со распоредот за настава и се објавува на интернет-страницата на единицата на Универзитетот.
Распоредот на термините за одржување на испитите се утврдува на тој начин што бројот на испитните термини за секој предмет/модул во секој испитен рок да може да ги опфати сите студенти кои имаат право да го полагаат тој предмет/модул.
Пријава за испит
Член 43
Студентот може да го пријави испитот по писмен или електронски пат, доколку постои можност за тоа. При електронско пријавување на испитот, студентот е должен дополнително да достави пријава за испит во материјална форма.
По писмен пат, испитот се пријавува со пријавен лист. Пријавниот лист претставува документ чијашто содржина и форма се еднообразни за сите составни единици на Универзитетот.
Во редовниот испитен рок, студентот е должен да го пријави испитот во роковите утврдени во календарот за настава.
Член 44
Студентот пристапува на испит со документ за идентификација и индекс.
Испитни рокови
Член 45
Студентот има право да ги полага предметите во рамките на: зимскиот, летниот и есенскиот испитен рок. Испитните рокови траат најмалку 3 недели. За секој предмет, во секој испитен рок, може да се даваат два термина. Разликата меѓу двата термина не може да биде помала од 10 дена.
Изведување на испит
Член 46
Проверката на знаењата на студентите се врши и со изведување испити.
Испитите се изведуваат по писмен и/ или устен начин, како и на друг начин утврден со студиската програма.
Право да полага испит има студентот кој ги исполнил сите обврски пропишани со соодветната предметна програма.
Член 47
Испитите можат да се организираат непосредно по завршувањето на блок наставни содржини.
Ако е предвидено со студиската програма, оценка од испит може да се формира и од поените од колоквиумите. Кога студентот ќе пријави испит и нема да се јави на испитот, односно не полагал, во пријавата за испит му се впишува: не полаѓал и не му се засметува во правото за полагање пред комисија.
Јавност на испитот
Член 48
Испитите се изведуваат во присуство на јавноста.
Не смеат да се изведуваат испити за само еден студент без присуство на други лица (студент, асистент, друг наставник).
Наставникот е должен да му го соопшти постигнатиот резултат од усниот испит на студентот веднаш по завршувањето на испитот.
Право на увид во испитната документација има студентот.
Објавување резултати од испитот
Член 49
Оценките кои студентите ги добиле во проверката на нивните знаења се објавуваат на јавно место (огласна табла, веб- страницата на единицата и сл.), во рок од 7 работни дена од спроведената проверка, односно од денот на полагањето на испитот. Наставниците се должни, по барање на студентот, да обезбедат увид во прегледаниот труд и добиената оценка, во рок од 2 работни дена од објавувањето на резултатите.
Приговор заради оценка од проверка на знаењето
Член 50
Студентот, во рок од 3 работни дена од денот на објавувањето на резултатите, може да поднесе приговор до предметниот наставник, ако не е задоволен од резултатите од испитот, или дел од испитот, односно од оценката, или ако смета дека испитот не е спроведен во согласност со актите на Универзитетот и единицата кои ја регулираат оваа материја.
Ако наставникот утврди дека се исполнети условите од став 1 на овој член, должен е да ја преиспита оценката од резултатите од испитот или дел од испитот во рок од 7 работни дена од поднесувањето на приговорот од став 1 на овој член.
Наставникот може да ја потврди оценката што ја утврдил или да ја преиначи.
Потврдувањето, односно преиначувањето на оценката од став 2 на овој член, наставникот го запишува на пријавата со назнака:
- „се потврдува добиената оценка“ или
- „се преиначува добиената оценка во оценка“.
Студентот има право да го повлече приговорот.
Во случаите од овој член, единицата може со општ акт да ги утврди условите, начинот и постапката за комисиско полагање.
Комисиско полагање на испит
Член 51
Ако наставникот двапати го оцени испитот на студентот со оценка „5", студентот има право да побара од деканот, односно директорот на единицата, да формира тричлена комисија од наставници од исто или сродно наставно-научно подрачје пред која студентот ќе го полага испитот. Наставникот кај кого полагал студентот не е член на комисијата од претходниот став на овој член.
Пренесување на надлежности за спроведување на испити
Член 52
Во случај на спреченост на предметниот наставник, деканот, односно директорот може да му ги пренесе надлежностите за одржување на испитите по конкретниот предмет на друг наставник од иста или сродна наставно-научна област, или, пак, на комисијата за спроведување на испит.
Завршно оценување
Член 53
Со завршното оценување се пресметуваат постигањата на студентот во текот на континуираното оценување, испитите и други активности кои се предмет на оценување, а се предвидени со предметната програма.
Испитите, или некои други форми на проверка на стекнатите знаења, вештини и способности, се спроведуваат за сите предмети кои студентот ги запишал, и тоа според градивото утврдено според студиската програма.
Конечната оценка се утврдува на завршното оценување или на испитот во редовната испитна сесија.
Конечната оценка е резултат на завршното оценување или на испитот, во зависност како е утврдено со студиската програма.
Конечната оценка задолжително се запишува во индексот и во пријавата за завршно оценување.
Член 54
За исполнување на обврските од предметната програма, студентот добива одреден број на поени, и може да оствари најмногу 100.
Оценувањето може да биде квантитативно или описно, или квантитативно и описно.
Конечната оценка се изразува квантитативно од 5 (пет) до 10 (десет). Оценката 5 (пет) означува недоволен успех.
Конечната оценка за соодветна предметна програма може да биде изразена и квалитативно, како дополнение на квантитативните изрази.
Пропорцијата помеѓу обемот на континуираното оценување, испитот и другите активности кои се предмет на оценување во завршното оценување ја определува носителот на предметната програма.
Положен испит е услов да се стекне потребниот број кредити пропишан со предметната програма.
Обврски на наставникот
Член 55
Наставникот е должен да го отстрани студентот од проверката на знаења, односно од полагање на испитот, доколку оцени дека студентот недолично се однесува, ги попречува другите студенти или користи недозволиви помагала.
Во случаите од став 1 на овој член, наставникот е должен да покрене дисциплинска постапка.
Евиденција
Член 56
Наставникот е должен да ги внесе конечните оценки во електронскиот систем и во пријавите за испит, во рок од 5 (пет) работни дена од конечноста на оценката и во овој рок да ги достави до службата за студентски прашања заедно со извештајот за завршното оценување.
Извештајот од став 1 на овој член содржи:
- испитен рок, односно сесија, датум на одржување на испитот;
- назив на предметот;
- лично име на наставникот;
- список на студентите (со име и презиме), добиена конечна оценка со бројка и букви;
- податок за бројот на студентите кои полагале (заклучно со бр.);
- потпис на наставникот.
Извештајот се чува во материјална форма, укоричен за секоја учебна година, и/ или во електронска форма. Извештајот е од трајна вредност и се чува во службата за студентски прашања.
Резултатите и материјалите од континуираното оценување и испитите, освен кај предметниот наставник, се евидентираат и се чуваат во рамките на институтот, односно на катедрата или кај група предметни наставници.
Резултатите од ставот 4 на овој член се чуваат во материјална или електронска форма, една година.
Споредливост на системот за оценување Член 57
Нумеричкиот систем за оценување се споредува со системот за оценување според ЕКТС.
10=>А |
А=>10 |
9 => В |
В => 9 |
8 => С |
С => 8 |
7 => В |
В=>7 |
6 => Е |
Е => 6 |
5 => Е |
Е, ЕХ => 5 |
Скалата со проценти се утврдува со студиската програма.
Просечен успех
Член 58
Просечниот успех на студентот претставува аритметичка средина на оценките од завршното оценување по сите наставни предмети во текот на студиите, вклучувајќи го и завршниот испит, односно дипломскиот труд.
Презапишување предмети
Член 59
Студент кој во 3-те испитни рока не го положил испитот, истиот предмет го презапишува во наредната учебна година во соодветниот семестар.
Повторување на испит
Член 60
На студентот, по негово барање, му се овозможува да го повтори испитот за повисока конечна оценка по предметот, во период од најмногу четири месеци од полагањето.
Барањето за повторено полагање на испитот се доставува до деканот.
Деканот со решение ја поништува оценката, кое е составен дел на пријавата.
Овластено лице од службата на пријавата запишува дека студентот ја поништува оценката со решение бр. _____ од _______година.
За повтореното полагање, студентот поднесува нова пријава и добиената оценка од повтореното полагање се запишува во новата пријава.
Оценката добиена на повтореното полагање е конечна и студентот нема право на повторно полагање.
Запишување предмети од други студиски програми надвор од предметите предвидени во студиската програма
Член 61
По положувањето на сите предмети предвидени со студиската програма, пред одбраната на дипломската работа, доколку е предвидена со студиската програма, студентот има право да запише најмногу 5 предмети од друга студиска програма на единицата каде што е запишан или на студиска програма од друга единица.
Барањето за запишување се поднесува во рок од 15 дена од датумот на положениот последен испит, а запишувањето се врши при запишување на зимскиот, односно летниот семестар на соодветната единица.
Студентот нема право на презапишување на предметите од став 1 на овој член.
Евиденцијата за запишаните предмети од други студиски програми се води на единицата на која е запишан студентот.
Единицата од став 4 на овој член издава потврда за положени предмети од други студиски програми и е дел од додатокот на дипломата.
Судир на интереси
Член 62
Во случаите кога предметниот наставник и студентот се во роднинска врска: син, ќерка, снаа, зет, брат, сестра, сопруга или сопруг, наставникот е должен да се изземе при полагањето на предметот, односно испитот, и за тоа да го извести деканот, односно директорот на единицата.
Деканот, односно директорот на единицата, спроведувањето на испитот го доверува на друг наставник од исто или сродно наставно-научно подрачје или на посебна компетентна испитна комисија, составена од три члена.
Дипломска работа
Член 63
На единицата на Универзитетот на која е предвидена изработка на дипломска работа, студентите имаат право и должност да пријават и да одбранат дипломска работа од подрачјето на кое ги завршуваат студиите. На барање на студентот и со приложен доказ за отсуство од земјата, деканот може да му одобри одбрана на дипломска работа на далечина преку интернет и дефиниран медиум, во посебно утврдена постапка и во согласност со менторот и членовите на комисијата.
Насловот и тезите на дипломската работа ги предлага предметниот наставник од избраната дисциплина во договор со студентот.
Дипломската работа се вреднува со оценка од 6 (шест) до 10 (десет).
Студентот може да пријави дипломска работа доколку има освоено минимум 140 ЕКТС-кредити на тригодишните студиски програми, односно 200 ЕКТС-кредити на четиригодишните студиски програми. Единиците на кои се изведуваат интегрирани студии од прв и втор циклус, бројот на ЕКТС- кредитите го утврдуваат со свој акт.
Единицата со општиот акт го утврдува начинот на определување ментор, темите за дипломска работа и членовите на комисијата за одбрана.
Одбрана на дипломска работа
Член 64
Одбраната на дипломската работа се спроведува откако студентот ќе ги положи сите предвидени предмети/модули и ќе ги исполни условите и сите свои обврски спрема студиската програма.
Одбраната на дипломската работа се врши пред комисија од 3 члена, од кои едниот е менторот.
Менторот, во договор со студентот, го определува денот на одбраната на дипломската работа.
Комисијата од став 2 на овој член, по одбраната на дипломската работа, дава оценка од 5 до 10, при што оценката 5 значи дека дипломската работа не е успешно одбранета.
Во случај кога за дипломската работа е добиена оценка 5, се применуваат одредбите од член 51 на овој Правилник.
За одбраната на дипломската работа се пополнува посебен образец, кој го потпишуваат членовите на комисијата.
Пријавата за дипломската работа со насловот на темата, составот на членовите на комисијата и оценката од дипломската работа се приложуваат во досието на студентот.
Стручен, односно магистерски труд, односно изработка и/или изведба на уметничко дело
Постапка за пријава, оцена и одбрана на стручен, односно магистерски труд, односно изработка и/или изведба на уметничко дело
Член 65
Стручниот труд е самостојна стручна работа со која се систематизираат постојните знаења и се придонесува за решавање на проблеми од практиката.
Магистерскиот труд е резултат на самостојна работа на студентот, со кој се систематизираат постојните научни знаења и се придонесува за нивниот натамошен развој.
Магистерскиот труд од областа на уметноста може да биде и изложба на уметнички дела, театарска претстава, филм, радио или телевизиска емисија, композиција, концертна или сценска изведба на музичко дело, солистички концерт, а во архитектурата, и архитектонски проект.
Член 66
Студентот може да пријави стручен, односно магистерски труд со освоени најмалку 30 ЕКТС-кредити за едногодишните, односно најмалку 90 ЕКТС- кредити за двегодишните студии од втор циклус, или по положување на сите испити, во зависност како е утврдено со студиската програма.
Пријавата за изработување на стручниот, односно магистерскиот труд се поднесува до наставно-научниот, односно научниот совет, по претходно дадено позитивно мислење на наставно-научниот колегиум за втор циклус, по положувањето на предвидените испити.
Пријавата содржи: наслов на темата, образложение за научната, уметничката и стручната оправданост на темата, план за работа и преглед на литературата.
Насловот на темата и тезите ги предлага кандидатот во договор со менторот. Одлука за прифатената тема за изработување на стручниот, односно магистерскиот труд донесува наставно- научниот, односно научниот совет.
Одлука за определување на менторот, по предлог на наставно-научниот колегиум, донесува наставно-научниот, односно научниот совет, на истата седница на која е прифатена темата.
Менторот се определува од наставно- научните и научните работници од потесната научна, односно уметничка област од која е пријавен трудот. Менторот е наставник вклучен во студиската програма каде што е запишан студентот.
По образложено барање на кандидатот или менторот, наставно- научниот, односно научниот совет може да донесе одлука за промена на менторот.
Менторот на кој му престанал работниот однос поради исполнети услови за пензија, го задржува статусот ментор до завршување на постапката за одбрана на стручниот, односно магистерскиот труд.
Член 67
Насловот на прифатениот магистерски труд се објавува во Билтенот на Универзитетот и на веб-страницата на единицата, на македонски и на англиски јазик.
Член 68
По завршувањето на менторската фаза, односно по изработката на трудот, студентот доставува пет примероци од стручниот, односно магистерскиот труд, со барање да му се формира комисија за оцена на стручниот, односно магистерскиот труд од три члена.
По образложен предлог на менторот за завршена менторска фаза, наставно- научниот, односно научниот совет формира комисија за оцена на стручниот, односно магистерскиот труд од три члена, во рок од 45 дена од денот на предавањето на трудот. Рокот од ставот 2 на овој член не тече во периодот од 15 јули до 25 август во календарската година.
Комисијата за оцена на стручниот, односно магистерскиот труд е должна да го
прегледа трудот и на студентот писмено да му ги достави евентуалните забелешки, во рок од 3 месеци од денот на формирањето на комисијата.
Комисијата може да му го врати на кандидатот трудот со забелешки на доработка најмногу 2 пати и му определува рок за постапување. Ако кандидатот не постапи по забелешките во утврдениот рок, постапката се запира, а на кандидатот му престанува статусот студент.
Член 69
Студентот е должен да го изработи и да го предаде стручниот труд најдоцна во рок од шест месеци од денот на одобрувањето на темата на стручниот труд.
Студентот е должен да го изработи и да го предаде магистерскиот труд најдоцна во рок од една година од денот на одобрувањето на темата на магистерскиот труд.
По барање на студентот, единицата на Универзитетот може да одобри продолжување на роковите од ставовите 1 и 2 на овој член, за времето додека траеле причините за спреченост за работа на стручниот, односно магистерскиот труд. По истекот на овој рок, студентот губи право да го брани пријавениот стручен, односно магистерски труд.
Член 70
Комисијата, во рок од 3 месеци од денот на одобрувањето на трудот, изготвува извештај во кој дава оценка и образложение на трудот и го доставува до наставно- научниот, односно научниот совет на единицата.
По усвојувањето на извештајот, на истата седница на наставно-научниот, односно научниот совет се формира комисија за одбрана од 3 члена.
Членовите на комисијата за оцена на магистерскиот, односно стручниот труд можат да бидат и членови на комисијата за одбрана.
Комисијата за одбрана, во договор со кандидатот, го определува денот на одбраната, но најдоцна во рок од од 30 дена од денот на нејзиното формирање. Кандидатот писмено се известува за денот на одбраната.
По барање на кандидатот, рокот од став 4 на овој член може да се продолжи.
Член 71
Одбраната на трудот е јавна и се објавува на огласната табла на единицата, најмалку 7 дена пред денот на одбраната.
Член 72
По завршувањето на одбраната на трудот, комисијата за одбрана на трудот јавно ја соопштува оценката на одбраната на стручниот, односно магистерскиот труд.
Оценувањето се врши со описни оценки: го одбранил стручниот, односно магистерскиот труд, не го одбранил стручниот, односно магистерскиот труд.
За текот на одбраната се води записник во кој се внесува оценката од одбраната. Записникот се потпишува од страна на членовите на комисијата.
Член 73
Магистерскиот, односно стручниот труд се пишува на македонски јазик.
Доколку студиската програма се реализира на еден од светските јазици, магистерскиот, односно стручниот труд се пишува на соодветниот јазик со превод на македонски јазик.
На групите на Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ во Скопје, на кои наставата се изведува на албански и на турски наставен јазик, магистерскиот, односно стручниот труд може да се пишува на соодветниот јазик со задолжителен превод на македонски јазик. Магистерскиот, односно стручниот труд може да се брани на соодветниот јазик со задолжителен превод на македонски јазик.
Завршување на студиите
Член 74
Студентот ги завршил студиите од прв циклус кога ќе ги положи сите испити, ќе ги исполни сите обврски предвидени со студиската програма и ќе изработи и успешно ќе одбрани дипломска работа согласно со акредитираната студиска програма. Со завршувањето на студиите од прв циклус, студентот се стекнува со најмалку 180, односно 240 ЕКТС-кредити.
Студентот ги завршил студиите од втор циклус кога ќе ги положи сите испити, ќе ги исполни сите обврски предвидени со студиската програма и ќе изработи и успешно ќе одбрани стручен, односно магистерски труд, односно ќе изработи и/или ќе изведе уметничко дело. Со завршувањето на студиите од втор циклус и освоените кредити од првиот циклус, студентот се стекнува со најмалку 300 ЕКТС-кредити.
На студентот може да му се признаат и кредити од посетувани вонкурикуларни курсеви и семинари организирани од страна на единицата или други високообразовни институции, доколку е утврдено со студиската програма. Максималниот број на кредити што еден студент може да ги освои по овој основ се 6.
Со завршувањето на студиите во согласност со овој член, студентот стекнува соодветно стручно или академско звање или степен, како и други права согласно со посебните прописи.
Член 75
Бројот на кредитите за студиите кои се поврзани со вршење на регулирани професии изнесува најмалку 300, односно 360 ЕКТС-кредити, доколку поинаку не е уредено со закон.
За завршувањето на студиите за регулирани професии соодветно се применуваат одредбите од членот 74 од овој Правилник и студиските програми.
Уверение, диплома и додаток на дипломата
Член 76
Студентот кој ќе ги изврши сите обврски според студиската програма за усовршување или само дел од студиската програма за стекнување на образование му се издава уверение за завршениот дел од студиската програма, кое содржи податоци за нивото, природата и содржината на студиите, како и постигнатите резултати.
На студентот кој ќе ги изврши сите обврски според студиската програма за добивање високо образование во кој било циклус на образование, врз основа на евиденцијата што се води за него, Универзитетот му издава диплома.
Со дипломата се потврдува дека студентот завршил студиска програма од прв или втор циклус и се стекнува со соодветен стручен или научен назив.
Составен дел на дипломата е додатокот на дипломата (Diploma Supplement).
Дипломата се потпишува од страна на ректорот и деканот, односно директорот.
Додатокот на дипломата се потпишува од страна на деканот, односно директорот.
Дипломата се заверува со сув печат на Универзитетот.
На студиските програми организирани од две или повеќе единици на Универзитетот, заедничката диплома ја потпишуваат овластените лица на високообразовните установи кои организираат студиска програма за стекнување заедничка диплома и ректорот на Универзитетот, доколку поинаку не е уредено со меѓусебен договор кој, покрај високообразовните установи, го потпишува и ректорот.
Додатокот на дипломата од став 4 на овој член се потпишува од овластените лица на високообразовните установи кои организираат студиска програма за стекнување заедничка диплома, доколку поинаку не е уредено со меѓусебен договор. Уверението и дипломата се јавни исправи.
Промоција
Член 77
Промоцијата претставува свечено врачување на дипломите за завршени студии. Деканот, односно директорот на единицата ги врачува дипломите од првиот и вториот циклус студии.
ДРУГИ ПРАВА НА СТУДЕНТИТЕ
Посебни поволности
Член 78
Студентите на сите степени на високо образование, кои се без родители, слепи, глуви, инвалиди од прва и втора група, мајки со деца до шестгодишна возраст и хоспитализираните, имаат право на дополнителни испитни рокови.
Мирување на обврските на студентот
Член 79
На студентот, по негово барање, му мируваат обврските:
болест, помош и нега на лица од потесното семејство;
елементарни непогоди поврзани со живеалиштето, односно престојувалиштето на студентот;
За мирување на обврските од ставот 1 на овој член, студентот поднесува писмено барање и доставува соодветна документација. Лица од потесно семејство во смисла на став 1, точка 4, алинеи 1 и 2 од овој Правилник се родителите, браќата и сестрите на студентот.
Доколку за време на мирувањето на обврските настанат измени во студиската програма, студентот продолжува да студира на изменетата студиска програма и е должен да ги исполни обврските кои претставуваат разлика помеѓу двете студиски програми.
Студентот е должен да го активира студирањето во рок од 15 дена по престанокот на причините за мирување.
Студентот кој ги ставил студиите во мирување, а мирувањето не е прекинато до почетокот на наредната учебна година, должен е на почетокот на учебната година и секоја наредна учебна година да го продолжи мирувањето.
Доколку студентот не постапи согласно со став 6 од овој член, се смета дека ги прекинал студиите.
За времетраењето на мирувањето на обврските, студентот не се задолжува со финансиски обврски доколку ги има измирено заостанатите финансиски обврски.
Продолжување на прекинатите студии
Член 80
Се смета дека студентот ги прекинал студиите доколку не запише семестар, заклучно до почетокот на наредниот семестар, иако ги исполнил условите.
Доколку за време на прекинот на студиите се измени студиската програма, студентот е должен да ги ислуша, да ги исполни и да ги полага разликите во изменетата студиска програма.
За времетраењето на прекинот на студиите, студентот не плаќа партиципација, односно школарина.
Студентот ги продолжува студиите со плаќање школарина доколку прекинот трае 3 и повеќе последователни семестри.
Премин од едни на други студии
Премин на студиски програми на Универзитетот
Член 81
Во текот на студиите, студентот може да премине од една на друга студиска програма на единицата каде што е запишан, како и на студиска програма на друга единица, под услови утврдени со студиската програма на која се преминува, односно со правилата за студирање на единицата.
Студентот има право на преминувањата од став 1 на овој член и при запишувањето во прва учебна година сР до затворањето на матичните книги, доколку на студиската програма на која преминува не е пополнет бројот.
Премин од други високообразовни установи
Член 82
Студенти од студиски програми од други високообразовни установи од земјата и од странство можат да преминат на студиски програми на единиците на Универзитетот, под услови утврдени со студиската програма на која се преминува, односно со правилата за студирање на единицата, ако постои совпаѓање на студиските програми за стекнување на стручниот, односно академскиот назив утврден во студиската програма на која се преминува.
На студентот кој бара преминување може да му се утврдат дополнителни обврски за надминување на разликите во студиските програми, односно да ги исполни обврските по предметите и да ги положи испитите за да може да продолжи со студиите.
Преминувањето може да се дозволи доколку студентот на единицата на Универзитетот реализира најмалку 60 % од предвидените кредити од студиската програма. Во спротивно, доколку студентот е согласен, должен е да презапише и веќе признаени или дополнителни предмети. Единицата може да утврди од кои предмети кредитите не можат да се пренесуваат.
Член 83
Покрај другите услови, студентот кој сака да премине од една на друга единица/ студиска програма/високообразовна установа треба да ги исполнува и следниве услови:
Заеднички одредби за премин
Член 84
Бројот на студенти кои можат да преминат го утврдува деканатската, односно институтската управа на почетокот на секоја учебна година, во зависност од нормативите и стандардите и пополнетоста на капацитетите.
Студенти кои се странски државјани, како и студенти државјани на РМ кои студираат на странски универзитети, стекнуваат право на премин под истите услови како и македонските државјани врз основа на посебните квоти за странски државјани.
Член 85
Ако повеќе кандидати ги исполнуваат условите за преминување од утврдениот број, предност имаат кандидатите кои имаат остварен повисок просечен успех на факултетот, односно на универзитетот од каде што доаѓаат.
Член 86
Преминувањето се врши врз основа на решение за признавање на остварени кредити со еквиваленција на предмети и кредити.
Решение за преминување донесува деканот по предлог на предметниот наставник, односно предметните наставници.
Деканот може да формира и комисија, односно комисии за утврдување на исполнетоста на условите за преминувањето. Положените испити со изворниот наслов, оценки и остварени кредити на матичниот факултет и признаени со решението од став 2 на овој член, заедно со решението за еквиваленција, се евидентираат во досието на студентот. Во уверението за положени испити се внесуваат називите на еквивалентираните предмети и кредити од единицата на која преминал студентот.
Во случај на делумно признавање, студентот е должен да го запише предметот и да ги оствари обврските за делот што не му се признава. Крајната оценка претставува аритметичка средина од двете оценки и се запишува бројот на кредити по тој предмет на единицата на која студентот преминува.
За студентите кои преминуваат од странски универзитети, покрај изворните оценки, се запишува и еквиваленцијата на оценки утврдена со решение на надлежен орган во Република Македонија.
Член 87
Студентот кој преминува е должен да се запише до завршување на уписниот рок.
Член 88
Студентот кој преминува ги продолжува студиите со плаќање школарина.
Престанок и обновување на статусот на студент
Член 89
На студентот му престанува статусот на студент во следниве случаи:
По обновување на статусот, студентот може да ги продолжи студиите по студиската програма која се применува.
Доколку е изменета студиската програма, студентот е должен да ги ислуша, да ги исполни и да ги полага разликите во студиската програма.
На студентот на кој му е обновен статусот, ги продолжува студиите согласно со правилата за студирање на единицата, а во согласност со правилата за студирање на Универзитетот.
На студентот на кој му е обновен статусот, ги продолжува студиите со плаќање школарина.
Паралелно студирање
Член 90
Студентот може да студира на две студиски програми од прв циклус студии истовремено (паралелно студирање), на една или повеќе високообразовни установи, доколку е предвидено со студиската програма и доколку не влијае на исполнувањето на обврските на студентот предвидени на двете студиски програми.
Правото на паралелно студирање студентот може да го оствари:
при запишување во прва година, со тоа што поднесува пријава за запишување на двете студиски програми;
со запишување во нареден семестар или учебна година.
Студентите од став 1 на овој член се запишуваат надвор од квотите, и тоа најмногу 10 на студиска програма.
Едницата, односно единиците на кои студентот студира и студентот потпишуваат договор со кој ги регулираат меѓусебните права и обврски.
Студентот кој студира паралелно плаќа школарина на единицата на која се изјаснува дека студира паралелно, односно на единицата на која се запишува согласно со став 2, алинеја 2 од овој член.
Студентот кој студира паралелно плаќа и партиципација, односно школарина на единицата на која е запишан.
Остварување и заштита на правата на студентите
Член 91
За остварување на правата на студентот одлучува деканот, односно директорот на единицата, освен за прашањата за кои поинаку е утврдено со овој Правилник.
Барањето за остварување на некое свое право студентот го поднесува до деканот, во писмена форма, придружено со соодветна документација.
Деканот одлучува во рок од 30 дена од приемот на барањето.
Доколку деканот не одлучи во утврдениот рок, наредниот ден по истекот на рокот, студентот има право истото барање да го поднесе до деканатската управа, која е должна да одлучи на првата наредна седница од приемот на барањето.
Против решението на деканот, кога одлучувал деканот, студентот има право на жалба во рок од 15 дена од приемот на решението до деканатската управа, која е должна да одлучи на првата наредна седница од приемот на барањето.
Решението на деканатската управа е конечно.
Во име и за сметка на студентот, барањата за остварување на некое право може да ги поднесе и друго лице кое поднесува изјава дека настапува во име и за сметка на студентот.
Деканот може да го овласти продеканот за настава или друго лице да одлучува за правата на студентите.
Во случај на отсуство на деканот, него го заменува продеканот за настава за прашањата во врска со остварувањето и заштитата на правата на студентите.
Член 92
Барањата за издавање управни и реални акти, согласно со Законот за општата управна постапка, односно барањата за остварување заштита на правата и правните интереси на студентите подлежат на административна такса согласно со Законот за административните такси, освен барањата за издавање оригинал-уверенија и оригинал- дипломи за завршени студии, како и за други дејствија за кои не се плаќа такса согласно со закон.
Пријавите за испит и обрасците за запишување и за заверка на семестар не подлежат на административна такса.
Право на увид во испитна документација и студентско досие
Член 93
Право на увид во испитната документација има студентот.
Право на увид во студентското досие има студентот, негов родител, старател или лице овластено од нив.
Студентот при запишувањето пополнува изјава за правото на увид на лицата од став 2 на овој член. Изјавата важи во текот на целокупното студирање.
Издавање потврди
Член 94
За издавање потврди, барањето се доставува до овластено лице од студентската служба на единицата.
Потврдите ги потпишува и ги издава овластено лице од студентската служба на единицата.
Начин на комуникација
Член 95
Комуникацијата помеѓу единицата и студентот се врши во материјална или електронска форма.
Кога комуникацијата се врши во материјална форма, доставата помеѓу единицата и студентот се врши преку архивата на единицата.
Кога комуникацијата се врши во електронска форма, доставата помеѓу единицата и студентот се врши преку електронските сандачиња на единицата и на студентот.
Каталог на услуги
Член 96
Постапката за остварување на правата на студентите е јавно објавена на
веб-страниците на Универзитетот и на единиците.
Надоместоци
Член 97
Составен дел на овој Правилник е Анекс 1, со кој се утврдуваат надоместоците што ги плаќаат студентите надвор од партиципацијата, односно школарината.
Ошпти акти на единиците
Член 98
Факултетите и научните институти донесуваат одлуки како општи акти со кои ги дорегулираат условите, критериумите, правилата и постапката за запишување и студирање согласно со нивните специфики. Одлуките од ставот 1 на овој член не смеат да бидат во спротивност со овој Правилник. Во случај на спротивност, се применува овој Правилник.
ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ
Член 99
Анексот 1 од член 97 од овој Правилник ќе се донесе во рок од 6 месеци од влегувањето во сила на овој Правилник.
Член 100
Овој Правилник влегува во сила со денот на објавувањето во Универзитетски Гласник.
Член 101
Студентите запишани до влегувањето во сила на овој Правилник, продолжуваат да студираат според правилата утврдени со студиските програми и одредбите од овој Правилник доколку се поповолни за нив.
Ректор
Проф. д-р Никола Јанкуловски, с.р.
П | В | С | Ч | П | С | Н |
---|---|---|---|---|---|---|
2 | 3 | 4 | 5 | 6 | 7 | 8 |
9 | 10 | 11 | 12 | 13 | 14 | 15 |
16 | 17 | 18 | 19 | 20 | 21 | 22 |
23 | 24 | 25 | 26 | 27 | 28 | 29 |
30 | 31 | 1 | 2 | 3 | 4 | 5 |