Pедовен професор (во пензија) д-р Михаило Зиков

Предмети


Материјали


Кабинет / Локал /

Биографија

Д-р Михаило ЗИКОВ, редовен професор (во пензија), е роден на 22 април 1949 г. во с. Ќоселари, општина Лозово. Гимназија завршил во Велес. Дипломирал на ПМФ во Скопје, група географија. Постдипломските студии „Урбанизам и просторно планирање“ ги завршил на Архитектонскиот факултет во Загреб, каде што во 1975 г. ја одбранил магистерската работа со наслов „Урбанизацијата како процес на преобразба на просторот на РМ и класификација на урбаните населби“, и се стекнал со звањето магистер од подрачјето на урбаните и просторните науки. Докторската дисертација со наслов „Валоризација на природните фактори и услови и нивното искористување во просторното планирање на примерот на петте општини: Виница, Кочани, Пробиштип, Свети Никола и Штип, во средниот слив на река Брегалница“ ја одбранил во 1985 г. на Институтот за географија при ПМФ во Скопје. Работната кариера ја започнал како планер во РО за урбанизам, студии и проектирање „Мегапроект“ од Штип. Потоа работел како просторен планер во Институтот за просторно планирање ‒ Охрид, во Скопје, а во 1987 г. е избран со звањето доцент на Институтот за географија, при ПМФ во Скопје. Во 1993 г. е избран со звањето вонреден професор, а во 1998 г. со звањето редовен професор. На ПМФ изведува настава од предметите климатологија и просторно планирање, а изведувал настава и по доделени предмети: картографија, хидрологија, водни ресурси, социоекономска географија на РМ и др. Изведувал настава и на Машинскиот факултет на Интердисциплинарните студии по инженерство на животната средина, на Институтот за физика на насоката метеорологија при ПМФ, на Педагошкиот факултет и на Филозофскиот факултет ‒ група социологија во Скопје. Активно учествувал и во проектот за реализација на експериментална настава во средно образование ‒ ПЕКСНАС. Објавил повеќе универзитетски учебници (картографија, просторно планирање, теорија и методологија и климатологија, метеорологија и климатологија со климатски промени). Автор е на две книги, а изготвил повеќе интерни скрипти и два учебника од областа на географијата за потребите на учениците од средните училишта. Под негово менторство се изработени три докторски дисертации и десет магистерски трудови. Објавил над 70 научни трудови и изготвил повеќе научни проекти, од коишто на два бил раководител и главен истражувач. Бил раководител, заменик раководител и координатор на проекти, просторни планови и член на работниот тим за изготвување шест проекти ‒ просторни планови и три проекти ‒ основни урбанистички планови. Меѓу позначајните задолженија и функции би ги издвоиле следните: раководител на Заводот по природно-географски науки; раководител на интердисциплинарните постдипломски студии Просторно планирање; продекан за материјално-финансиски прашања на ПМФ; член на Националниот комитет за спроведување на Европската конвенција за пределот; член на Националниот комитет на РМ за климатски промени; член на Универзитетскиот сенат на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје; шеф на Институтот за географија; главен и одговорен уредник на списанието „Географски разгледи“; главен и одговорен уредник на списанието „Годишен Зборник“; член на уредувачкиот одбор на научното списание „Acta geographica Bosniae et Herzegovinae“ од Сараево и др.

© 2026. Институт за географија, ПМФ, УКИМ, Скопје.