Ака. д-р Атанасије УРОШЕВИЌ (1898‒1992), редовен професор, е роден на 14 октомври 1898 г. во Гњилане, Србија. Средното образование го завршил во Скопје, а потоа дипломирал на тогашниот Филозофски факултет во Скопје, на географско-етнолошката група. По дипломирањето станал асистент на истиот Факултет. Докторирал во 1929 г. во Белград, со тезата Горња Морава и Изморник, а потоа бил избран за доцент на Филозофскиот факултет во Скопје. Војната ја минал како воен заробеник во Германија. Кон крајот на 1946 г., бил повикан од Владата на НР Македонија да премине на Филозофскиот факултет во Скопје, како вонреден професор. Во 1950 г. бил избран за редовен професор. На Факултетот го основал Географскиот институт и бил негов раководител сè до пензионирањето во 1964 г. Основач е и на Географското друштво на Македонија, и негов долгогодишен претседател. Го организирал Вториот конгрес на географите на Југославија, одржан во Скопје и Охрид, во 1951 г. Во 1964 г. бил избран за почесен претседател на Друштвото. По пензионирањето заминал за Приштина, каде што на тамошниот Филозофски факултет ја основал Катедрата за географија и држел предавања во текот на неколку години. Од 1968 г. живеел во Белград. Во периодот од 1971 до 1973 г. бил директор на Етнографскиот институт на САНУ. За дописен член на Српската академија на науките и уметностите е избран во 1963 г., а за редовен член во 1978 г. Починал во Белград во 1992 г. За своите заслуги на полето на науката го има добиено медалот „Јован Цвијиќ“, а одликуван е и со Орден на трудот II степен и со Орден на братството и единството со златен венец. Објавил повеќе од стотина научни и стручни трудови. Во лексиконот „Свезнање“ ги обработил сите географски единици за Југославија, а во Енциклопедија на Југославија, географските единици од Македонија.