In memoriam д-р Томе Андоновски

Предмети



Биографија

Д-р Томе АНДОНОВСКИ, редовен професор (во пензија), е роден на 5 септември 1940 г., во село Лазарополе. Основно и средно образование завршил во Битола. Во учебната 1959/60 г. се запишал на студии по географија на ПМФ во Скопје, каде што дипломирал во 1964 г. До 1971 г. работел како професор по географија во гимназиите „Здравко Чочковски“ во Дебар и „Гоце Делчев“ во Битола, а во меѓувреме (1964/65 г.) го отслужил воениот рок. Од 1 септември 1971 г. е примен за асистент на Институтот за географија при ПМФ во Скопје. Во 1977 г. завршил постдипломски студии за карст, на ПМФ во Белград, одбранувајќи ја магистерската работа на тема „Подземни крашки облици и хидрологија клисуре Радике“. Во 1983 г., на Географскиот факултет во Скопје, ја одбранил докторската дисертација „Кичевска Котлина ‒ геоморфолошки проучувања“. Во 1977 г. е избран за предавач; во 1980 г. за виш предавач; во 1984 г. за доцент; во 1987 г. за вонреден професор и во 1992 г. за редовен професор. Во периодот од 1 октомври 1977 до 31 декември 1979 г. бил продекан, и во еден период вршел должност декан на Географскиот факултет. Шеф на Институтот за географија бил во три мандати, во 1987, во 1991 и во 1995 г. Продекан на ПМФ бил од 1 октомври 1991 до 30 септември 1993 г. Бил секретар (во два мандата) и претседател на Сојузот на географските здруженија на РМ. Бил генерален секретар на Сојузот на спелеолозите на поранешна СФРЈ. Ја вршел должноста претседател на ИО на ПМФ од 1 октомври 1993 до мај 1996 г. Издадени учебници‒ Математичка географија за студентите по географија во прва година и Математичка географија со картографија за средните училишта (во коавторство). Учесник бил во следните проекти: Геоморфологија на Буковиќ; Мариово; Бистра; Козјачија; Геоморфолошка карта на РМ; Пелистер и Галичица; Дефинирање на средоземноморското влијание на климата и нејзиното значење врз социоекономскиот развој на РМ; Подземни карстни облици во општина Охрид и повеќе секторски студии, работени за Институтот за просторно планирање. Неговата научна активност, главно е насочена кон областа на физичката географија, а особено кон областа на геоморфологијата. Со свои предавања од геоморфологијата и методиката на наставата по географија, учествувал на повеќе семинари за перманентно образование, организирани од Педагошкиот завод на РМ и Институтот за географија. Учествувал и во организацијата на повеќе републички натпревари за ученици од основните и средните училишта, одржувани во Скопје, Струга, Дојран и Неготино, и на републичките натпревари на спелеолозите, одржани во Маврово.

© 2026. Институт за географија, ПМФ, УКИМ, Скопје.