In memoriam д-р Миливој Гашевски

Предмети



Биографија

Д-р Миливој ГАШЕВСКИ (1924‒2010), редовен професор, е роден на 5 октомври 1924 г. во Скопје, каде што ги завршил основното и средното образование. По демобилизацијата од ЈНА (1946 г.), со којашто учествувал во пробивот и во борбите на Сремскиот фронт, каде што бил и ранет, се вработил и едновремено се запишал на Филозофскиот факултет во Скопје (Група за географија). Како вонреден студент, студиите ги завршил во 1950 г. Продолжил да работи како службеник и професор во средно училиште сè до 1957 г., кога преминал на работа во научната институција Завод за водостопанство во Скопје, прво како секретар на Заводот, а по докторирањето на ПМФ во Скопје, во 1960 г., како научен работник со звањето научен соработник. Во Заводот бил сè до 1974 г. Пред да се здобие со звањето научен советник, бил избран за доцент на ПМФ во Скопје (Географски институт) по предметите хидрологија и климатологија. За вонреден професор е избран во 1975 г., а за редовен професор во 1980 г. Пензиониран е во 1987 г. Членувал во Македонското географско друштво од неговото основање во 1949 г., во коешто повеќепати бил член на Управниот одбор и секретар; потоа во Српското географско друштво, како и во Сојузот на географските друштва на поранешна Југославија, каде што бил член и претседател на Научната комисија. Бил продекан на бившиот Географски факултет во Скопје. Повеќе години бил главен уредник на научното списание Водостопански проблеми, како и уредник и член на редакцијата на Географски разгледи. За време на својата работа, бил ментор и член на голем број докторски дисертации и магистерски трудови. На двапати бил член на една од комисиите за доделување на наградата „Климент Охридски“. Од ПМФ во Скопје бил делегиран за член на Советот на Хидробиолошкиот завод во Охрид, како и на Заводот за заштита на природните реткости во Скопје. Изготвил и објавил голем број научни и стручни трудови, монографии, научни публикации, како и голем број прикази на домашна и странска научна литература. Автор е на првиот научен труд од областа на физичката географија (геоморфологија), напишан од Македонец и на македонски јазик и објавен, исто така, на македонски јазик во Гласник на Српското географско друштво во Белград, во 1952 г. Изготвувач е на првиот катастар на извори на РМ (кн. I-VII).

© 2026. Институт за географија, ПМФ, УКИМ, Скопје.