Д-р Васил ГРАМАТНИКОВСКИ, редовен професор (во пензија), е роден на 15 јануари 1934 г. во с. Љубојно, Преспа. Основно образование завршил во родното место, а гимназија во Битола во 1956 г. Истата година се запишал на ПМФ во Скопје, на групата за географија. Студиите ги завршил во 1960 г. Во 1962 г. бил избран за асистент на Географскиот институт на ПМФ во Скопје. Како асистент завршил постдипломски студии од областа на аграрната географија на Филозофскиот факултет во Љубљана, во 1968 г. Потоа, со одобрение од Наставно-научниот совет, одржувал настава по предметот стопанска географија, а во 1972 г. бил избран за предавач по предметот општа стопанска географија. Во 1974 г. докторирал на Географскиот институт на ПМФ во Скопје, на тема „Природно географските и социоекономските процеси во Преспанската Котлина како фактори што го условуваат идниот стопански развиток на котлината“. Во 1975 г. бил избран со звањето доцент по предметот општа стопанска географија. Со звањето вонреден професор е избран во 1980 г., а во звањето редовен професор во 1985 г. Неговата научна и стручна ориентација е стопанската географија, во којашто се усовршувал преку поголем број студиски престои во странство. Во 1966 г. престојувал во Варшава, во Полската академија на науките и уметностите. Во 1968 и 1969 г. престојувал во Минхен, на географскиот институт на ПМФ и на Високата техничка школа. Во 1974 г. престојувал на Географскиот институт при Економскиот факултет во Минхен. Во 1976 г. гостувал со предавања на географските институти во Љубљана и Загреб. Од вкупно објавените 74 труда, 5 се објавени во странство. Резултатите од научноистражувачката активност ги презентирал и на повеќе научни собири во Република Македонија и во странство. Бил декан на Географскиот факултет, во два мандата бил шеф на Географскиот институт, бил раководител на Заводот за општествена географија, и раководител на Заводот за етнологија. За својата активност има добиено Орден на трудот со златен венец, пофалница од Македонското географско друштво и признание за учество на првата младинска истражувачка акција „Мариово 1979“.