Д-р Душан МАНАКОВИК (1924‒1995), редовен професор, е роден на 19 март 1924 г. во Скопје, во трговско семејство. Основно и средно образование завршил во Скопје. Од 1938 до 1941 г. работел во текстилната фабрика „Тулбент“ во Скопје. Активно учествувал во Народноослободителната војна од 1944 г. По демобилизацијата во 1946 г., работел како службеник во текстилната фабрика „Прогрес“, а од 1948 г. во Министерството за индустрија и рударство на НРМ во Скопје, како службеник, началник и советник. На Групата за географија на Филозофскиот факултет се запишал во 1947 г. како вонреден студент. По дипломирањето, работел како професор во основното училиште „Кирил и Методиј“ во Маџари ‒ Скопје. Во 1954 г. е избран за асистент на Катедрата за географија на Филозофскиот факултет во Скопје. Во 1960 г., на ПМФ во Скопје ја одбранил докторската дисертација со наслов „Геоморфологија на поречјето на Бабуна и Тополка со Титоввелешката Котлина“. Во 1961 г. е избран со звањето доцент; во 1966 г. за вонреден професор, а во 1972 г. за редовен професор, звање со коешто е реизбран во 1981 г. Во периодот од 1963 до 1969 г. изведувал настава и на Филозофскиот факултет во Приштина. Од 1.1.1980 г. бил декан на Географскиот факултет во Скопје. Во пензија заминал во 1985 г. Основач е и долгогодишен претседател на Спелеолошкото друштво на РМ; бил генерален секретар на Сојузот на спелеолозите на поранешна СФРЈ; претседател на Феријалниот сојуз при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје; член на Националниот комитет на Сојузот на географските друштва на поранешна СФРЈ; претседател на ИО на Географскиот факултет; претседател на Работната заедница на Географскиот факултет. Учествувал во следниве проекти: Геоморфологија на Буковиќ; Мариово-комплексни географски истражувања; Бистра; Геоморфолошка карта на РМ и во работата на повеќе секторски студии, работени за Институтот за просторно планирање. Научната активност на проф. д-р Душан Манаковиќ била ориентирана кон областа на физичката географија, а особено кон геоморфологијата и спелеологијата. Починал во 1995г.