Д-р Гиго МИЛЕСКИ (1923‒1995), редовен професор, е роден во Струга на 24 јануари 1923 г., во службеничко семејство. Основното и гимназиското образование ги оформил во Струга, во Приедор (Босна) и во Битола, каде што во 1942 г. матурирал. По војната и по отслужувањето на воениот рок се запишал на Групата за географија на Филозофскиот факултет во Скопје, во првата повоена генерација. Во септември 1947 г. се вработил како картограф во Географскиот институт, а студиите ги завршил како вонреден студент, во редовeн рок, во 1950 г. По дипломирањето е избран за асистент по предметот картографија. Паралелно со редовните асистентски обврски, од универзитетската управа бил ангажиран во организацијата и изградбата на Сеизмолошката станица и сеизмолошката служба во Скопје. Во 1954 г. целосно се посветил на оваа активност и станал прв раководител на Сеизмолошката станица и сеизмолошката служба во РМ. Во 1961 г. се вработил на Економскиот факултет како асистент по економска географија. Докторската дисертација со наслов „Езерата во СР Македонија како важни риболовни и туристички подрачја“ ja одбранил во 1965 г. на ПМФ. Во текот на 1967 г. е избран за доцент на Географскиот институт при ПМФ во Скопје; вонр. професор станал во 1972 г., а редовен во 1977 г. Имал студиски престои во Белград, Атина, Минхен, Варшава. Учествувал во работата на сите конгреси на географите од Југославија и Македонија и на повеќе во странство: Варна, Краков, Москва. Како професор остварил значајни резултати во осовременувањето и афирмацијата на географијата, а на научен план, неговите трудови претставуваат фундаменти на македонската научно-географска мисла. За севкупниот придонес и за активното општествено ангажирање во работната организација, на Универзитетот и во државата, професор Милески добил низа признанија, награди и благодарници, како и највисоки ордени, медали, плакети, дипломи и др. Пензиониран е во 1987 г. Починал во 1995 г.