In memoriam д-р Митко Панов

Предмети



Биографија

Д-р Митко ПАНОВ (1927‒2000), редовен професор, е роден на 16 декември 1927 г. во Скопје, во занаетчиско семејство. Севкупното образование, од основното и средното до високото, го завршил во својот роден град. Во 1948 г. се запишал на тогашниот Филозофски факултет, на Катедрата за географија. Факултетот го завршил со одличен успех во 1952 г. Две години бил професор во гимназијата „Мирче Ацев“ во Прилеп. Во 1954 г. бил избран за асистент на Институтот за географија на ПМФ во Скопје. Докторската дисертација со наслов „Сливот на Крива Лакавица и Отиња ‒ антропогеографски и стопанско-географски проучувања“ ja одбранил во 1960 г. Наредната година бил избран за доцент, потоа (во 1967 г.) се здобил со звањето вонреден професор, а во 1972 г. станал редовен професор, звање со коешто се пензионирал на крајот од 1987 г. Во текот на својата наставна дејност ги предавал предметите социјална географија, географија на Македонија и општа географија (или основи на географијата). Еден е од основачите на постдипломските студии од областа на просторното планирање. Одржал бројни стручни и научни предавања и на други универзитети (Белград, Загреб, Љубљана, Москва, Ленинград, Софија, Варшава, Краков, Прага и др.). Вкупно одржал повеќе од 120 предавања и учествувал на 65 научни собири во земјата и на 15 во странство. Неговата научна дејност перманентно била интензивна. Објавил околу 400 наслови од областа на разни географски дисциплини, но најмногу од географијата на населбите и населението, поточно од демографијата, руралната, урбаната, туристичката географија и др. Повеќе од 80 негови трудови се цитирани од 60 различни автори во земјата и странство. Неговата научна и општествена дејност е значително богата. Особено голема активност пројавил во Географското друштво на Македонија на коешто бил претседател. За вкупната работа има добиено бројни одликувања, плакети, дипломи, благодарници и друг вид признанија. Одликуван е со Орден на трудот со златен венец; избран е за почесен член на Словенечкото и на Српското географско друштво; добил бронзена плакета од Универзитетот во Будимпешта; почесна диплома за географија од Чехословачката академија на науките и е еден од мошне ретките добитници на медалот „Јован Цвијиќ“. Добитник е на наградата „11 Октомври“ за 1996 г. Починал во јуни 2000 г.

© 2026. Институт за географија, ПМФ, УКИМ, Скопје.