Д-р Аслан СЕЛМАНИ (1945‒2011), редовен професор, е роден на 10.6.1945 г. во село Лојане, општина Куманово, во земјоделско-рударско семејство. Основното образование го завршил во селото Миратовац, Прешевско, а средното училиште во учителската школа „Зеф Луш Марку“ во Скопје, во учебната 1963/64 г. По завршувањето на Учителската школа, се запишал на студии на ПМФ во Скопје, на групата географија и успешно ги завршил во учебната 1968/69 г. По дипломирањето, најнапред работел како професор по географија во Гимназијата „Гоце Делчев“ во Куманово, а потоа преминал во Гимназијата „Зеф Луш Марку“ во Скопје, во којашто, како професор по географија работи до 1978 г. Во 1979 г., Селмани е избран за професор на Педагошката академија „Климент Охридски“ во Скопје, за предметите Општа географија, Математичка географија и Картографија. Во меѓувреме, Аслан Селмани се запишал на постдипломски студии на отсекот за географија при ПМФ во Загреб, каде што во 1976 г. ја одбранил магистерската работа со наслов: „Географски аспекти на општествено-стопанските структури во општината Куманово“. Во 1982 г., на Географскиот факултет во Скопје, ја одбранил докторската дисертација со наслов: „Социогеографските процеси и проблеми во општината Дебар, со посебен осврт на функцијата на централното место“. Во 1986 г., д-р Аслан Селмани бил избран за доцент на Институтот за географија по предметот Заштита и унапредување на животната средина; во 1995 г. бил избран за вонреден професор по предметот Геоекологија и Основи на географијата; додека во 2000 г. бил избран за редовен професор на Институтот за географија при ПМФ, должност на којашто останал до неговото пензионирање. Во 1990 г., на општите повеќепартиски избори во РМ, бил избран за пратеник во Собранието, а во два наврата (1992 и во 1996 г.) бил избиран за Министер за наука во владата на РМ. На оваа должност останал сè до крајот на 1998 г., кога повторно бил избран за републички пратеник, политичка функција на којашто бил до 2002 г. Неговата општествена ангажираност се гледа и низ следните негови активности: потпретседател на СРВСРМ во периодот 1984‒1990 г.; бил член на Американскиот биографски институт во САД; бил член на претседателството на Македонското географско друштво, претседател на еколошкото друштво „Еколевизја“, со седиште во Скопје; бил член на одборот на фондацијата за геополитички истражувања „Глигоров“ во Скопје; претседател на Комисијата за спроведување „државни испити“ по предметот географија и сл. За досегашната работа има добиено повеќе одликувања и награди како: наградата „Гоце Делчев“; Плакета, по повод „24 Мај“ ‒ патрониот ден на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“; Плакета по повод одбележувањето на 50-годишнината на СРВСРМ; Плакета по повод 50-годишнината на научната работа на Земјоделскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Скопје; Плакета од Македонското географско друштво; Посебно признание Движењето на екологистите на Македонија; Благодарница од Македонското географско друштво; Благодарница за безрезервната помош за развојот на медицинската наука во РМ од Медицински факултет и др. Направил богат научен опус, каде има објавено 18 индивидуални монографски изданија и универзитетски учебници, четириесетина научно-стручни трудови, десетина учебници и учебни помагала за реформираното гимназиско и основно образование. Бил раководител и учесник во повеќе научноистражувачки проекти. Во контекст на наведениот плоден научен, стручен и општествен опус се и околу 200 стручни написи во разни списанија, а особено во списанието „Флака“. Бил ментор и член на комисии за поголем број магистерски тези и докторски дисертации. Проф. д-р Аслан Селмани се одликуваше и со посебна дарба во сферата на поезијата, којашто многу често е тесно врзана со неговата омилена наука и струка ‒ географијата. Има објавено 7 збирки песни и есеи. Почина во 2011 г.