Д-р Милорад СТОЈАНОВИЌ (починат), редовен професор, е роден на 24 јануари 1931 г. во Пирот, Република Србија. Основно училиште и гимназија завршил во Алексинац. Во учебната 1949/50 г. се запишал на ПМФ во Белград, на Групата за геологија, каде што дипломирал во 1954 г. Во 1955 г. заминал на отслужување на воениот рок, а потоа во 1956 г. се вработил во Рударско-топилничкиот басен во Бор, каде што останал до 1958 г. Во 1958 г. преминал на работа во Геолошкиот завод во Скопје, каде што работел до 1981 г., како самостоен геолог-инженер, проектант, советник, в.д. директор на Секторот за длабинско дупчење и главен инженер во Институтот за истражување минерални суровини. Во 1979 г., на Рударско-геолошкиот факултет во Белград, ја одбранил докторската дисертација со наслов „Геолошки састав и тектоника терена Т. Велес ‒ планина Клепа ‒ река Рајец“ (ментор: проф. Милодраг Анѓелковиќ). Во 1982 г., од Геолошкиот завод во Скопје преминал на работа на ПМФ, Институт за географија, прво како доцент, потоа (во 1985 г.) бил избран за вонреден професор, а во 1991 г. за редовен професор по група предмети од областа на геологијата, историската геологија и педологијата. Проф. Милорад Стојановиќ е член на Македонското геолошко друштво и на Македонското географско друштво. Неговата научната работа е плодна и главно од доменот на регионалната геологија и минералните суровини. Досега има објавено 10 научни труда во странство, 25 научни труда во земјата и повеќе од 50 стручни трудови, елаборати, извештаи и проекти, како и два универзитетски учебници: Геологија и петрографија (1991 г.) и Историска геологија (1989 г.). Во текот на своето службување, студиски престојувал во Бугарија (1959 г.), Чехословачка (1967 г.) и СССР (1969 г.). Носител е на повеќе признанија: благодарница за повеќегодишна соработка и придонес во резултатите и развојот на Геолошкиот завод во Скопје, 1979 г.; благодарница за успешна долгогодишна соработка на полето на фундаменталните и апликативните геолошки истражувања ‒ Институт за истражување на минерални суровини, Геоинститут ‒ Скопје, 1994 г. и др.