Д-р Александар СТОЈМИЛОВ, редовен професор (во пензија), е роден на 18.1.1941 г. во село Бели, Кочанско. По завршувањето на основното и средното образование, се запишува на студии на ПМФ во Скопје, на групата географија, коишто ги завршува со одличен успех во предвидениот рок, за што бил награден од Деканатот на факултетот. Понатамошното стручно усовршување го продолжува со успешната одбрана на магистерскиот труд „Могучности за развитак туризма на македонским језерима“ на ПМФ во Белград, на насоката туризам во 1967 г. Во меѓувреме работел како професор во Економското училиште во Кочани и во Катлановската Бања. Универзитетската кариера ја започнува 1968/69 г., кога е избран за асистент на Институтот за географија на ПМФ во Скопје. Како магистер, во 1971 г. е избран за предавач по предметот Основи на географијата, а паралелно изведува теренски истражувања за изготвување на докторската дисертација „Туристички вредности на македонските планини“, којашто е одбранета во 1974 г. Во наредната учебна година е избран за доцент по предметите Основи на географијата и Посебна стопанска географија. Во 1980 г. е избран со звањето вонреден професор, додека во 1985 г. за редовен професор. Во 2009 г., од Универзитетот за туризам и менаџмент, одликуван е со титулата Професор Емеритус. На Институтот за географија предавал повеќе предмети, меѓу коишто Географија на Македонија и Географија на Европа, а ангажиран е и како професор на насоката за Етнологија. При основањето на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид, изведувал настава од туристичка географија. На насоката од постдипломските студии просторно планирање на ПМФ во Скопје, го покривал тематското подрачје на терцијарните дејности во просторното планирање и истовремено на Факултетот во Охрид, на постдипломските студии држел предавања по предметот туристичка валоризација. Професорот Стојмилов бил на повеќе студиски престои и научни усовршувања во повеќе странски центри: Краков ‒ Полска, Вороњеж ‒ Украина, Софија ‒ Бугарија, Малага ‒ Шпанија, Братислава ‒ Словачка и други. Со реферати учествувал на IX, X, XI, XII, XIII, XIV-ти Конгрес на географите од Југославија; на Конгрес на географите од РМ; учествувал со соопштение на Светскиот конгрес на географите во Москва итн. Се истакнува и со мошне активна општествена дејност. Бил одборник во Собранието на град Скопје, потоа член на Републичкиот комитет за заштита на човековата средина и потпретседател на Комисијата за наука на овој Комитет, делегат во Републичкиот СИЗ за наука и претседател на Одборот за издавачка дејност, член на Републичкиот комитет за општостопански работи, пазар и цени, претседател на СИЗ за култура на Општина Гази Баба, потпретседател и претседател на Туристичкиот сојуз на град Скопје, претседател на Туристичкиот сојуз на Македонија, секретар и претседател на Македонското географско друштво на Македонија, два мандата бил продекан на ПМФ во Скопје, продекан и декан на Географскиот факултет, два мандата бил декан на ПМФ, проректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, претседател на Педагошкиот совет на РМ, член на Сенатот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, претседател на АКУД „Мирче Ацев“, главен и одговорен уредник на географското списание „Географски разгледи“, член на редакциите на списанијата „Туризам“ во Загреб и „Демографија“, Белград, редактор во редакцијата на Македонската енциклопедија на МАНУ и др. За досегашната работа има добиено повеќе одликувања, како и Орден на трудот со златен венец. Активно учествувајќи во изработката на двата просторни плана на РМ, како и во изготвувањето на 12 просторни планови за одделни општини во Македонија. Досега има објавено повеќе од 200 труда, и тоа главно од областа на туристичката географија и туризмот, потоа од стопанската географија на Македонија и просторното планирање. Има објавено неколку учебници за средно образование и 6 учебника за високо образование. Под негово менторство се одбранети 7 докторски дисертации и 16 магистерски трудови.