Д-р Јордан ПЕНЏЕРКОВСКИ (1925‒1981), вонреден професор, е роден на 10 септември 1925 г. во Битола. Основно и средно образование завршил во родното место, а високо образование во Белград на ПМФ (Група за геологија) во 1952 г. По дипломирањето се вработил во Геолошкиот завод на РМ, во Институтот за истражување минерални суровини. Во меѓувреме дипломирал на Рударско-геолошкиот факултет во Белград (1965 г.). Геолошкиот завод го напуштил како научен советник и се вработил на Географскиот институт на ПМФ како вонреден професор по предметот геологија. Д-р Јордан Пенџерковски е автор на поголем број трудови од областа на геологијата, а особено се истакнува како автор на Геолошката карта на РМ во размер 1:200000. Прераната смрт во 1981 г. ја прекина неговата плодна научна работа.