Д-р Станко СТАНКОВСКИ (1936‒1989), доцент, е роден во март 1936 г. во с. Самоков, Порече. Детството го поминал во родното место, каде што завршил четиригодишно основно училиште, а во Македонски Брод завршил осмо одделение. Гимназија завршил во Прилеп во 1957 г. Диференцијалната матура ја дал во Учителската школа во Скопје. По завршувањето на средното образование работел како учител во селата Растеш и Зркле (Бродско). Во учебната 1960/61 г. се запишал на Институтот за географија при ПМФ во Скопје. По завршувањето на студиите, во 1964 г. е избран за асистент на Географскиот институт при ПМФ во Скопје. Потоа се запишал на постдипломски студии во Белград и ги завршил во 1971 г. со одбрана на магистерската тема со наслов „Хидролошке и морфолошке карактеристике крашких терена изворишног дела Црне реке у западној Македонији“. Во 1972 г. е избран за предавач по предметот биогеографија со педологија, звање со коешто е реизбиран во 1980 и во 1985 г. Докторската дисертација со наслов „Пелагониска Котлина, физичко-географски проучувања со посебен осврт на хидролошките појави и проблеми“ успешно ја одбранил во 1987 г. Истата година, на Институтот за географија при ПМФ во Скопје е избран за доцент по предметот климатологија. Д-р Станко Станкоски бил ангажиран во повеќе научни теми и проекти што се изготвуваа на Географскиот факултет и во Институтот за географија при ПМФ во Скопје. Покрај наставната и научната работа (којашто се гледа во околу 15 научни и поголем број стручни и научно-популарни трудови), тој имал и мошне активна општествена дејност. Учествувал во разни органи и тела на Институтот и на Факултетот. Бил продекан на Географскиот факултет, претседател на Синдикалната организација, активист и член во повеќе стручни географски здруженија, а особено активен во Сојузот на географските здруженија на Република Македонија, Народна техника, Планинарскиот сојуз на Р. Македонија и др. За своите активности има добиено благодарница од Географското друштво на РМ, голема златна значка на Сојузот на резервните воени старешини и слично. Д-р Станко Станковски ненадејно почина во 1989 г. во Скопје.