In memoriam д-р Драган Василески

Предмети



Биографија

Д-р Драган ВАСИЛЕСКИ (1954‒2011), редовен професор, е роден на 23.4.1954 г. во село Горно Добреноец, општина Кичево, во работничко семејство. Основното образование го завршил во селото Другово, а средното училиште во гимназијата „Марко Милески“ во Кичево, во учебната 1975/76 г. По завршувањето на средното училиште, се запишува на студии на Географскиот факултет во Скопје и ги завршува во учебната 1978/79 г. Својата магистерска работа со наслов „Хидрографско-хидролошки одлики на котлината Дебарца“ ја одбранил во април 1987 г., а докторската дисертација со наслов „Радика – Хидрографско-хидролошка студија“ ја одбранил во април 1991 г. Соодветно на научното усовршување се одвива и универзитетското наставно унапредување, така што непосредно по дипломирањето во 1980 г., Василески се вработува како помлад асистент на Географскиот факултет во Скопје; во 1987 г. е избран за асистент на факултетот; во 1992 г. во доцент; во 1997 г. во вонреден професор и во 2002 г. е избран со највисокото наставно научно звање редовен професор по група предмети од областа на хидрологијата и сродни дисциплини на Институтот за географија, при ПМФ во Скопје. Во своето научно и наставно ангажирање има богат научен опус. Носител и реализатор е на 11 научни проекти. Има објавено 45 научни трудови во разни списанија и зборници од конгреси и симпозиуми, седум индивидуални научни монографии за Колешинскиот слап, планинските езера на Дешат, планинските езера на Јабланица, планинските езера на Пелистер, водопадите на Ростушка Река и реката Битушница, Билјанин слап (на Тресонечка Еека) и Смоларскиот Водопад. Коавтор е на средношколски учебници и помагала и друго. Професорот Драган Василески бил ментор и член на комисии за поголем број магистерски тези и докторски дисертации. Исто така, проф. д-р Драган Василески имаше богата општествена активност. Активно беше вклучен во органите и телата на разни институции. Имено, беше шеф на Институтот за географија при ПМФ во Скопје, член на Сенатот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, член на одборот за доделување на наградата „Гоце Делчев“, продекан за финансии на ПМФ и други функции и задолженија. Од посебно значење се и активностите во уредувачките одбори на списанијата Географски разгледи (издание на Македонското географско друштво) и Годишниот зборник на Институтот за географија. Како активен член на Македонското географско друштво го има добиено највисокото признание Плакета на заслужни географи од Македонско географско друштво. Почина во 2011 г.

© 2026. Институт за географија, ПМФ, УКИМ, Скопје.